2. А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?”
3. Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.”
4. Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?”
5. А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта.
6. Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’
7. Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби.
8. И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?”
9. А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?”
10. Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?”
11. Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!” И двајцата излегоа во полето.
12. Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам,
13. Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко!
14. Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост;
15. Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата,
16. Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.”
17. Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа.
18. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно.