1 Самоилова 18:15-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Кога Саул виде дека Давид има многу успеси, го опфати страв од него.

16. Ама Давид им замилеа на сиот Израел и на Јуда, зашто тој ги водеше по сите нивни патишта.

17. Саул му рече на Давида: „Еве ќе ти ја дадам за жена својата најстара ќерка Мерава, само биди ми храбар и води ги Господовите боеви!” Саул мислеше: „Нема да падне од мојата рака, туку нека се крене на него филистејската рака!”

18. А Давид одговори: „Кој сум јас и што значи мојот живот, што куќата на мојот татко, во Израел, за да бидам царев зет?”

19. И кога дојде време Сауловата ќерка Мерава да тргне со Давида, му ја дадоа за жена на Адрил од Меола.

20. Ама Давида го љубеше Сауловата ќерка Михала; кога му јавија тоа на Саула, му беше право.

21. Тој рече во себе: „Ќе му ја дадам, ама таа ќе му биде стапица, и филистејската рака ќе се дигне на него.” Саул по вторпат му рече на Давида: „Денес ќе ми бидеш зет.”

22. Тогаш Саул им заповеда на своите слуги вака: „Разговарајте со Давида тајно и речете му: ‘Ете, му замиле на царот, и сите негови дворјани те сакаат; затоа биди царев зет!’”

23. И Сауловите слуги му ги повторија тие зборови на Давида, ама Давид им одговори: „Зар е во вашите очи нешто мало да се стане царев зет? Јас сум само беден и мал човек!”

24. Сауловите слуги му го соопштија тоа на Саула, велејќи: „Еве ти ги зборовите што ги рече Давид.”

25. А Саул одговори: „Речете му на Давида вака: ‘Царот не бара никаков свадбен подарок туку само сто филистејски обрезоци, за да им се одмазди на царевите непријатели.’” Саул мислеше така ќе го урне Давида во рацете на Филистејците.

26. Сауловите слуги му ги соопштија тие зборови на Давида, а нему му беше по волја да стане царев зет. Уште пред да истече времето

27. Давид се подготви и тргна со своите луѓе па им уби на Филистејците две стотини луѓе; и ги донесе нивните обрезоци и му ги предаде на царот на број, за да стане негов зет. Тогаш Саул му ја даде својата ќерка Михала за жена.

28. Саул виде јасно дека Господ е со Давида и дека сиот Израелев дом го љуби.

29. И Саул се исплаши уште повеќе од Давида и му стана непријател на Давида засекогаш.

30. А филистејските кнезови излегуваа во бој, ама колку пати и да излегуваа, Давид имаше повеќе успеси отколку сите Саулови дворјани; и така неговото име стана многу славно.

1 Самоилова 18