1 Самоилова 17:34-43 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

34. Но Давид му одговори на Саула: „Твојот слуга му ги чуваше овците на својот татко, па кога би дошол лав или мечка па ќе фател овца од стадото,

35. јас отрчував по него, го удирав и му ја истргнував овцата од устата. А ако се кренеше тој против мене го фаќав за гривата и го удирав додека не го убиев.

36. Твојот слуга убил и лав и мечка, па и тој необрезан Филистеец ќе помине како еден од нив, зашто ги предизвика бојните чети на живиот Бог.”

37. Давид додаде уште: „Господ Кој ме избави од лавовите кани и од мечкините шепи, ќе ме избави и од рацете на тој Филистеец.” Тогаш Саул му рече на Давида: „Отиди и Господ нека биде со тебе!”

38. Саул го облече Давида во својата воена облека, на главата му стави бронзена кацига и му стави оклоп.

39. Му го припаша на Давида својот меч преку облеката, но Давид напразно се обиде да оди, зашто не беше свикнал, па му рече на Саула: „Не можам да одам во тоа, зашто не сум свикнал.” Затоа сè соблече од себе.

40. Давид го зеде својот стап во раката, избра во потокот пет мазни камчиња и ги стави во својата пастирска торба, што му служеше како торба за праќка, та со праќката во раката тргна кон Филистеецот.

41. А Филистеецот сè поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него.

42. А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице.

43. Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?” И почна да го проколнува Давида со своите богови.

1 Самоилова 17