1 Самоилова 17:23-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Додека разговараше со нив, ете, оној предизвикувачот (се викаше Голијат, Филистеец од Гат) излезе од филистејските бојни редови и ги повтори истите зборови како порано. И Давид ги чу.

24. А штом Израелците го здогледаа тој човек, избегаа сите далеку од него, и страв ги опфати.

25. Некој Израелец рече: „Дали го видовте оној човек што излезе? А излезе да го предизвикува Израел. Кој ќе го погуби него, царот ќе му даде големо благо, и ќе му ја даде својата ќерка, и ќе го ослободи од данок неговиот татковски дом во Израел.”

26. Тогаш Давид ги праша луѓето, кои стоеја околу него: „Што ќе добие човекот, кој ќе го убие тој Филистеец и го симне срамот од Израел? И кој е тој необрезан Филистеец, за да ги предизвикува бојните редови на живиот Бог?”

27. А народот му одговори со истите зборови како порано: „Ете тоа ќе добие човекот, кој ќе го погуби.”

28. А кога Елиав, неговиот најстар брат, чу како разговараше со луѓето, пламна со гнев против Давида па му рече: „А што си дошол ти тука? Кому му ги остави оние малку овци во пустината, ја знам јас твојата дрскост и злобата на твоето срце: дојде за да ја видиш битката!”

29. А Давид одговори: „А што направив? Зар не смее да се рече ни збор?”

30. Тогаш се сврти од него кон друг и го праша со истите зборови како порано. Народот му одговори исто како првиот пат.

31. Кога луѓето чуја што зборува Давид, му го јавија тоа на Саула, а тој го повика пред себе.

32. Давид му рече на Саула: „Нека никому не му омалодуши заради оној човек! Твојот слуга ќе излезе и ќе се бори со тој Филистеец.”

1 Самоилова 17