5. Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат.
6. Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек.
7. А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе.
8. Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.”
9. Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден.
10. Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив.
11. И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?”
12. А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?” Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!”
13. Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома.
14. А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?” А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.”
15. А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.”
16. А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.” Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил.
17. Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа