1 Самоилова 10:11-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?”

12. А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?” Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!”

13. Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома.

14. А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?” А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.”

15. А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.”

16. А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.” Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил.

17. Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа

18. и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’

19. А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.”

20. Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе.

21. Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа.

22. Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?” А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.”

1 Самоилова 10