7. Зедоа под наем за плата триесет и две илјади бојни коли, и царот на Маха со неговиот народ, та тие дојдоа и се настанија пред Медева. Амоновите синови се собраа од сите свои градови и дојдоа во бој.
8. Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со сета своја јуначка војска.
9. Амоновите синови излегоа и се подредија во боен ред пред градската врата; а царевите кои дојдоа стоеја одделно во полето.
10. Откако ги виде поставените бојни редови кон себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најхрабрите меѓу Израелците и ги подреди спрема Арамејците.
11. Другата војска му ја предаде на братот Ависај, за да ја подреди спрема Амонците.
12. И му рече: „Ако Арамејците бидат појаки од мене, тогаш ти прискочи ми на помош; ако Амонците бидат појаки од тебе, јас ќе поитам кај тебе на помош.
13. Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на нашиот Бог; а Господ нека направи што Му е угодно.”
14. Тогаш Јоав и војската која беше со него почнаа да се доближуваат за да удрат на Арамејците, но тие избегаа пред нив.
15. Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, избегаа и тие пред неговиот брат Ависај и се повлекоа в град. Тогаш Јоав се врати во Ерусалим.