1 Летописи 16:29-43 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Дајте Му ја на Господа славата на Неговото Име, носете приноси и доаѓајте пред Неговото лице! Поклонете Му се на Господа во блесокот на Неговата светост!

30. Трепери пред Него, сета Земјо! Ја зацврсти вселената за да не се заљулее.

31. Небесата нека се веселат и земјата нека воскликнува; нека се зборува меѓу незнабошците: „Господ царува!”

32. Морето нека бучи и сè што е во него; полето нека се радува и што е на него!

33. Горските дрвја нека ликуваат пред Господа, зашто доаѓа да и суди на земјата.

34. Славете Го Господа зашто е добар, зашто е вечна Неговата љубов.

35. И речете: „Спаси нè, о Боже, Спасителу наш, и собери нè и избави нè од безбожните народи, за да го славиме Твоето свето Име, за да се гордееме со Твојата слава.”

36. Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ рече: „Амин! Алилуја!”

37. И таму пред Ковчегот на Господовиот Завет ги оставија Асафа и неговите браќа за да служат пред Ковчегот непрекратно, колку што треба од ден во ден;

38. и Овид-Едома со неговите браќа, нив шеесет и осум, Овид-Едома, синот Једутунов, и Оса, за да бидат вратари;

39. а свештеникот Садок со неговите браќа свештеници пред Господовото Престојувалиште на високото место во Гаваон,

40. за да Му принесуваат паленици на Господа на жртвеникот за паленици без престанок, наутро и навечер, и за да вршат сè, што е напишано во Законот што Господ му го одреди на Израел;

41. со него Еман и Једутун и другите избраници, за да Го слават Господа, „зашто е вечна Неговата љубов”;

42. и тоа Еман и Једутун за да свират во трубите и за да удираат во кимвалите и во други музички справи во чест на Бога; а Једутуновите синови за да бидат вратари.

43. Тогаш сиот народ се разотиде, секој во својата куќа; а Давид се врати за да го благослови својот дом.

1 Летописи 16