1. Што се однесува за она за што ми пишавте: добро е за човекот да не се допира до жена,
2. но заради блудствата секој нека има своја жена и секоја жена свој маж.
3. Мажот нека ја исполнува својата должност спрема жената; а исто така и жената спрема мажот!
4. Жената нема власт над своето тело, туку мажот; исто така и мажот нема власт над своето тело, туку жената.
5. Не лишувајте се еден од друг, освен по договор, за некое време, за да и се предадете на молитвата; потоа состанувајте се пак, за да не ве искушува сатаната, заради вашата невоздржаност.
6. Ова ви го велам како дозвола, а не како заповед.
7. Јас би сакал сите луѓе да бидат исто како и јас; но секој има од Бога свој дар, еден ваков друг онаков.
8. На неженетите и на вдовиците им велам дека е добро за нив, да останат исто како и јас.
9. Но, ако не можат да се воздржуваат, нека се женат и мажат, зашто е подобро да влегуваат во брак отколку да се распалуваат.
10. А на сопружниците не им наредувам јас, туку Господ: жената да не го напушта мажот;
11. ако го напушти нека остане немажена или нека се помири со својот маж; и мажот да не ја остава својата жена.
12. А на другите им велам јас, а не Господ: ако некој брат има жена која не верува, а која се согласува да живее со него, да не ја напушта!
13. А жената која има маж, кој не верува, а кој се согласува да живее со неа, да не го напушта мажот,
14. зашто мажот кој не верува се осветува преку жената, а жената која не верува се осветува преку мажот. Инаку вашите деца би биле нечисти, а сега се свети.
15. Но, ако оној кој не верува напушти - нека напушти! Во таков случај братот или сестрата не се врзани како робови, зашто Бог нè повикал да живееме во мир.
16. Зашто, откаде знаеш ти, жено, дали не ќе го спасиш мажот? Или откаде знаеш ти, мажу, дека не ќе ја спасиш жената?