42. Така е и со воскресението на мртвите; се сее во распадливост, воскреснува во нераспадливост;
43. се сее без чест, воскреснува во слава; се сее во слабост, воскреснува во сила;
44. се сее природно тело, воскреснува духовно тело. Ако има природно тело, има и духовно тело.
45. Така е напишано: „Првиот човек, Адам, стана жива душа”; а последниот Адам - животворен Дух.
46. Но не е прво она што е духовно, туку е прво природното, а духовното доаѓа потоа.
47. Првиот човек е од земја, земјен; вториот Човек е од небото.
48. Каков е земниот, такви се и земните; каков е небесниот, такви се и небесните.
49. И како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на небесниот.
50. Ова ви го велам, браќа: телото и крвта не можат да го наследат Божјото Царство; ниту распадливото го наследува нераспадливото.
51. Еве! Ви кажувам тајна: не ќе - умреме сите, но сите ќе се измениме,
52. во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме,
53. зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност.
54. А кога, ова, распадливото ќе се облече во нераспадливост; и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: „Победата ја проголта смртта.
55. Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?”
56. Осилото на смртта е гревот; а силата на гревот е законот.
57. Но, фала Му на Бога, Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос.
58. Затоа, мои возљубени браќа, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш пребогати во Господовото дело, знаејќи дека вашиот труд во Господа не е напразен.