1 Коринќаните 10:17-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Затоа што лебот е еден, и ние кои сме многу, само едно тело сме, зашто сите од еден леб имаме заедница.

18. Набљудувајте го земниот Израел! Оние, кои ги јадат жртвите, не се ли во заедница со жртвеникот?

19. Па што сакам да речам? Дали жртвуваното на идолите е нешто; или дека идолот претставува нешто?

20. Не, туку дека она што народите го жртвуваат, им го жртвуваат на бесовите, а не на Бога; а јас не сакам вие да бидете во заедница со бесовите.

21. Не можете да ја пиете Господовата чаша и бесовската чаша. Не можете да учествувате на Господовата трпеза и на бесовската трпеза.

22. Или пак да Го предизвикаме Господа на ревнување? Дали сме ние посилни од Него?

23. Сè е дозволено, но не е сè полезно. Сè е дозволено, но не е сè поучно.

24. Никој да не ја бара својата полза, туку ползата на другиот!

25. Јадете сè што се продава во месарница, не испитувајќи ништо заради совеста,

26. зашто „Господова е земјата и сè што ја исполнува.”

27. Ако некој од неверниците те повика на јадење и сакаш да отидеш, јади од сè што ќе сложат пред тебе, не испитувајќи ништо, заради совеста.

28. Ако некој ти рече: „Ова било принесено на жртва,” не јади заради оној, кој те известил и заради совеста.

29. Но не мислам на твојата совест, туку на оној другиот. А зошто мојата слобода да биде судена од туѓа совест?

30. Ако учествувам со благодарност, зошто да ме хулат за она за што благодарам?

31. Според тоа, јадете ли, пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава!

32. Не бидете им соблазан на Јудејците, ни на Грците, ни на Божјата црква,

33. како што и јас им угодувам на сите во сè и не ја барам својата сопствена полза, но на многуте, за да се спасат.”

1 Коринќаните 10