1 Коринќаните 1:1-13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исуса Христа, и братот Состен,

2. до Божјата црква која е во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите свети, со сите кои го призовуваат на секое место името на нашиот Господ Исус Христос, Кој е нивни и наш;

3. благодат ви вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа.

4. Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христа Исуса,

5. и зашто во Него се обогативте во сè, во секое слово и во секое знаење,

6. како што Христовото сведоштво се зацврстило меѓу вас,

7. така да не сте во недостаток од ниеден дар, чекајќи го откровението на нашиот Господ Исус Христос;

8. Кој ќе ве утврдува и до крај, за да бидете беспрекорни во Денот на нашиот Господ Исус Христос.

9. Верен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ.

10. Браќа, ве прекорувам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла.

11. Имено, ми јавија, браќа мои, Хлоините домашни дека меѓу вас има препирки.

12. Со ова сакам да кажам, дека секој од вас зборува: ‘Јас сум Павлов’, ‘Јас сум Аполосов’, ‘Јас пак Кифин’, а ‘Јас Христов’,

13. Дали Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Или сте крстени во Павлово име?

1 Коринќаните 1